Нацрт стратегијата за млади за Општина Крива Паланка

Успешно завршен проектот „Промоција на младинскиот активизам преку креирање на институциска платформа за младински потреби“ – Презентиран документ „Нацрт стратегија за млади на општина Крива Паланка

Здружението Центар за младински иницијативи ЦИК-ЦАК Крива Паланка, на 27.03.2019 одржа јавна презентација на сработеното и го промовира документот – „Нацрт стратегијата за млади за Општина Крива Паланка“ со што се финализираа активностите од проектот „Промоција на младинскиот активизам преку креирање на институциска платформа за младински потреби“. Проектот е финансиран и се имплементира како подгрант во рамки на проектот „Силни граѓански организации за позитивни социјални промени “ спроведуван од Фондација за развој на локалната заедница – Штип, Институт за развој на заедницата – Тетово и Центар за одржлив развој Алка – Скопје, а е финансиран од страна на делегацијата на Европската Унија.

Со имплементација на проектот се креира стратешки документ за младински потреби и прашања, врз база на сеопфатна анализа преку анкетни прашалници, но и преку работилници со учество на релевантни чинители од повеќе засегнати страни. Овој стратешки документ „Нацрт стратегија за млади“ е изработена врз основа на сите релавантни податоци добиени во текот на истражувањето и работилниците за стратешко планирање, усогласен е со националната стратегија на млади. Разработен е врз основа на девет стратешки области за делување и во рамките на секоја област се дефинирани стратешки цели и специфични цели во рамките на секоја стратешка цел. Останува во следниот период да бидат дефинирани конкретните мерки и проекти, со соодветни рокови и буџет.

Со доработката на областите во Нацрт стратегијата и нејзино Усвојување од страна на Советот на општина ќе добиеме Стратегија за млади во Крива Паланка, што како платформа со дефинирани проекти, временски рокови и буџет, исто така ќе даде и рамка за делување на самата општина, но и другите јавни институции кои во делот на својата работа ќе внесат голем дел од активностите и препораките со стратегијата за подобрување на состојбата на младите. Стратегијата ќе биде појдовна основа за понатамошни проекти и активности за унапредување на состојбата на младите. На подолг рок очекуваме зголемена активност на младинскиот совет, но и младинските организации, во врска со учеството на локалните млади во креирање на политики и донесувањето на одлуки на локално ниво. Очекуваме реално зголемен број на проекти и активности од страна на младите со цел подобрување на нивниот квалитет на локално живеење.

За сработеното и презентацијата на стратешкиот документ говореше координаторот на проектот, Димитар Петровски. Од страна на носителите на основниот проект, свое обраќање имаше Даниела Андреевска претставник од Центар за одржлив развој, АЛКА – Скопје. Од име на локалната самоуправа се обрати Градоначалникот на Крива Паланка, Борчанчо Мицевски, кој вети подршка за понатамошниот процес до изработка на финален документ кој што ќе се усвои од Совет на Општина.